Од 18 септември до 16 октомври 2024 година, во Природонаучниот музеј во Скопје е поставена изложба посветена на македонската медоносна пчела. Организатор на изложбата е НУ Природонаучен музеј на Македонија во Скопје со поддршка од проф. д-р Александар Узунов од Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје и здружението „Македонска пчела“ (MacBee). Изложбата беше отворена на 17 септември со обраќања на г-ѓа Наташа Стефановска, кустос во музејот, м-р Решат Зеќири, виш кустос и автор на изложбата, проф. д-р Миле Маркоски, декан на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје и г-дин Игор Илков претседател на MacBee, а презентација посветена на диверзитетот на медоносните пчели со акцент на биологијата и етологијата на македонската медоносна пчела Apis mellifera macedonica одржа проф. д-р Александар Узунов. Организаторот ги поканува сите заинтересирани да ја посетат изложбата секој ден освен понеделник, од 09:00 до 16:00 часот.