Студиско патување на членовите на MacBee во Србија и Хрватска

Од 19 до 22 септември 2024 година, членовите на здружението MacBee реализираа студиска екскурзија во Србија и Хрватска. Во Белград, Србија, беше реализирана посета на производниот погон на компанијата Голден Би, каде членовите на тимот, д-р Слободан Долашевиќ и Предраг Кнежевиќ беа домаќини на групата. Помеѓу останатите производи на компанијата, интересот на членовите на MacBee беше насочен кон иновативниот производ Голден Би Стронг, ленти со глицерин и оксална киселина наменети за контрола на инвадираност со вароа. Производителите дадоа препораки за правилно аплицирање на лентите со цел постигнување на ефикасни резултати. Исто толку интересна беше и кошницата Beeamond производ на Голден Би, наменета за одгледување на пчели во затворени простории, а за која членовите на MacBee имаа многу прашања. Во Осиек, Хрватска, беа посетени пчеларските капацитети на пчеларското стопанство Пушкадија и пчеларското стопанство Ковачиќ. Проф. д-р Златко Пушкадија на посетителите им го претстави својот пчеларник во местото Вардарац, покрај течението на реката Дунав, со пашните услови и техниката на пчеларење преку целата година во услови на изобилство од полен и нектар. Д-р Марин Ковачиќ најпрво го презентираше својот пчеларник, наменет за зимување на пчелите во близина на Осиек, при што ја објасни техниката на зазимување на пчелните семејства и справувањето со вароата. Потоа беше посетена и оплодната станица Батина во близина на Хрватско-Српско-Унгарската граница, на која пчеларство Ковачиќ произведува над 15000 спарени матици годишно. Таму д-р Ковачиќ го претстави начинот на организација на процесите на производство на матици, нивниот начин на производство на матици, менаџментот на семејствата за производство на трутови, методите за контролирано спарување, начинот на селекција на крањската пчела автохтона за тоа поднебје и др. Во Осиек беше посетен и Факултетот за агробиотехнички науки, каде во лабораторијата за пчеларство беше претставена работата на лабораторијата и испитувањата кои таму се спроведуваат. Во рамки на факултетот се наоѓа и пчеларски музеј каде членовите на MacBee имаа можност да видат пчеларска опрема користена од хрватските пчелари во минатото, стари и ретки изданија на пчеларски книги, учебници, списанија и останата пчеларска литература, препарирани предатори и штетници на пчелите. Посетата беше искористена и да се оствари средба со претседателот на здружението на пчелари од Вуковар, „Вуковар 91“ Иван Думенџиќ, со кого се разменија искуства и се разгледаа можности за заедничка соработка.