На Фестивалот на граѓански организации, кој се одржа на 25 септември во Градскиот парк во Скопје, со свој штанд се претстави и ЗГ „Македонска пчела“- Негорци (MacBee). Фестивалот на граѓански здруженија под мотото „30 години граѓански ангажман“ се одржа во организација на Цивика мобилитас, а на истиот учество зедоа повеќе од 90 здруженија на граѓани од целата држава. MacBee преку својот штанд ги претстави активностите кои ги реализира изминатите 10 години од своето постоење во насока на заштита, унапредување и промоција на автохтоната македонска медоносна пчела Apis mellifera macedonica. Посетителита на штандот на MacBee имаа можност да разговараат со претставниците на здружението за се што ги интересира и е поврзано со автохтоната македонска медоносна пчела и воопшто за пчелите, а преку флаерите за македонската пчела и за здружението, беа подетално информирани за истите. Се информираа и за кампањата „Одгледувам македоника, одгледувам наше!“ и нејзините цели. Беше презентирана пчеларска литература во издание на MacBee и повеќе протоколи, упатства и работни документи кои членовите на здружението ги користат во текот на своите активности. Посетителите имаа можност и да се запознаат со традиционалните и современи пчелни живеалишта и да дегустираат мед од македонската пчела.