Медот испратен на натпреварот за квалитет на мед одржан во рамки на Светскиот пчеларски конгрес на Апимондија 2022, од членот на MacBee, Ѓорѓи Андонов, освои второ место и беше награден со сребрен медал. Се работи за костенов мед од регионот на Беласица, кој се натпреваруваше и беше оценуван во рамки на групата монофлорен мед. Ова признание е само уште еден показател дека медот произведен на поднебјето на Македонија од автохтоната македонска медоносна пчела, со почитување на добрата пчеларска пракса, е со завиден квалитет и високо ценет, како дома така и меѓународно.
На натпреварувањето учествуваа 156 примероци на мед од 21 држава во светот. Медот од мајчина душичка , со потекло од Грција, беше оценет како најдобар и беше награден со златен медал.