Одржан настанот „Пчеларски ден-знаење и дружење“

На 10 декември 2023 година на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, здружението MacBee го одржа осмото издание на традиционалниот настан „Пчеларски ден-знаење и дружење“. Пред повеќе од 160 гости меѓу кои делегација од Амбасадата на Народна Република Кина во Македонија, претставници на владини институции, компании, граѓански здруженија и одгледувачи на пчели од Македонија и регионот, беа прикажани повеќе презентации со информативно-едукативна содржина. Најпрво, пред присутните се обрати продеканот на ФЗНХ задолжен за меѓународна соработка и финансии, Проф. д-р Ивана Јанеска Стаменковска. Таа отворајќи го настанот ги поздрави присутните и истакна дека науката е неизоставен дел во пчеларството поради што факултетот и во иднина ќе ја продолжи соработката со MacBee во организацијата на вакви настани. Претседателот на MacBee, инж. фарм. произ. Игор Илков, накусо ги презентираше активностите на здружението изминатиот период, но и тековните и идни активности. М-р Дејан Антиќ проектен менаџер во АДРА Македонија, организација која беше спонзор на настанот, ги презентираше деталите за проектот „Жените пчелари двигатели на позитивни промени во Македонија“, кој се реализира во Македонија од 2023 до 2025 година. Проф. д-р Александар Узунов го презентираше методот за прстенување на матици како можност за прекин на легло кај пчелните семејства, техника која за европските пчелари е нова, додека пчеларите во Кина со децении ја применуваат. Главниот гостин на настанот Проф. д-р Чен Чао од Кина преку својата презентација низ бројки и факти го доближи кинеското пчеларство до присутните, прво презентирајќи историски и статистички податоци за пчеларството во Кина, потоа зборувајќи за диверзитетот на пчелите во неговата земја, за на крај да се осврне на производството на матичен млеч, преку податоци за техники на производство кои ги воодушевија присутните на настанот. Следуваше простор за дискусија каде присутните добија можност да поставуваат прашања до презентерите од кои произлегоа дополнителни појаснувања и интересни информации. MacBee упатува голема благодарност до сите учесници и поддржувачи на настанот.