[:mk]
Како поддршка на кластерските здруженија, Владата на Република Македонија преку Министерството за економија и MacBee реализираа набавка на електронски СМС ваги за тест пчеларниците на здружението со кои ќе се овозможи поефикасно остварување на зацртаните и идните активности на здружението. Проектот се реализираше со заеднички средства на Министерството за економија на РМ (75%) и сопствени средства на MacBee (25%). Вкупната сума кофинансирана од Министерството за економија изнесува 361.120,00 МКД од кои 60.000,00 МКД се наменети за изработка на софтвер за обработка на податоци и 301.120,00 МКД за набавка на електронските СМС ваги.
Електронските СМС ваги се со мали димензии, едноставни за употреба, специјално констриурани за вршење на мерења и далечинска дојава во склад со најсовремените електронски стандарди. СМС вагите надворешно се конструирани за да функционираат со повеќе типови на сандаци. Електронскиот дел е сместен во куќиште комплетно заштитен од надворешни влијанија и механички оштетувања. Мерењата се набљудуваат директно преку рачниот дисплеј или пак далечински преку мобилен телефон или GPRS мрежата на некој мобилен оператор. Покрај функциите за локално и далечинско мерење, пружаат можност и за добивање на дневни извештаи од неколку периодични мерења кои вагата ги испраќа во вид на СМС порака или E-mail порака на корисникот. Исто така овозможуваат нивно користење во функција на заштита на пчеларникот преку вградениот алармски систем како и преку вградениот GSM/GPRS модул, преку кои се добиваат податоци за неовластен пристап на пчеларникот, за моменталната локација на вагата како и за сателитско следење на секоја промена на нејзината локација во случај на кражба. Вагите имаат и можност за мерење на влажноста и температурата на воздухот на локацијата каде се поставени.
Локациите на кои ќе бидат поставени електронските СМС ваги ќе бидат утврдени на состанок на УО на MacBee.
Главната цел за која ќе се користат електронските СМС ваги е новата активност на MacBee „меден семафор“ (повеќе наскоро на www.macbee.mk/meden semafor).
Податоците од мерењата со електронските СМС ваги ќе бидат поделени во неколку категории: од детални, до кои пристап ќе имаат само членовите на MacBee, до основни податоци кои ќе бидат објавувани на www.macbee.mk и ќе бидат достапни за сите посетители на нашата интернет страница.
Координатор на целот проект е членот нa MacBee, дипл. ек. Борче Павлов.
[:]