Покана за настанот „Пчеларски ден – знаење и дружење“

Македонското здружение за заштита на автохтоната македонска медоносна пчела (Apis mellifera macedonica) – MacBee по седми пат ја организира манифестацијата „Пчеларски ден – знаење и дружење“ каде на едно место се собрани ценети домашни и странски научни експерти од областа на пчеларството, професионални пчелари и пчеларски ентузијасти и вљубеници во пчеларството. После долгиот период на одржување и организирање на он-лајн настани, оваа манифестација претставува одлична можност „во живо“ и „лице в лице“ да го надградите вашето знаење за пчеларството, да се информирате за активностите на нашето здружение, како и да се дружите и размените искуства и контакти со домашни и странски пчелари. Настанот ќе понуди повеќечасовна програма која вклучува презентации од информативен и едукативен карактер, а нема да отсуствува ниту изложбено-промотивниот карактер на манифестацијата.

Главен презентер на настанот ќе биде Др. Слободан Долашевиќ од Србија. Слободан Долашевиќ е роден во 1989 година во Пеќ. Во 2012 година дипломира на Земјоделскиот факултет во Белград, а во 2013 на истиот факултет ги завршува магистерските студии. Запишува докторски студии и заминува на Нов Зеланд како стручно лице за производство на матици на комерцијален пчеларник. По враќањето од Нов Зеланд ја основа компанијата Golden Bee чие вкупно производство од 2014 година, па до денес изнесува 50000 матици, 200000 матичници и 5000 роеви. Со звањето доктор на пчеларски науки се стекнува во 2019 година. Сопственик е и на компанијата Beeamond која се бави со иновативни решенија во пчеларството, а посебно горд е на Beeamond системот за одгледување на пчели во затворени простории кој беше вистински хит помеѓу посетителите на саемскиот дел од 47 пчеларски конгрес на Апимондија одржан во Истанбул во 2022 година. Слободан Долашевиќ е автор на повеќе научни трудови од областа на пчеларството.

Настанот „Пчеларски ден – знаење и дружење“ ќе се одржи на 18 февруари 2023 година, со почеток во 10 часот, во просториите на Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје.

MacBee со особена чест Ве поканува да бидете дел од ова едукативно пчеларско дружење и со Вашето присуство да дадете значаен придонес кон подигнувањето на квалитетот на овој настан.

Повеќе информации можете да добиете на официјалниот флаер на настанот.