Почитувани колеги – пчелари,
На следниот линк (www.mdpi.com/2077-0472/11/5/398/htm) достапен е најновиот научен труд „Проценка на директните економски влијанија од зимските загуби на пчелни семејства во три европски држави“, во кој се обидовме да ги пресметаме директните економски загуби од евидентираните зимски загуби на пчелни семејства во Македонија, Австрија и Чешка за сезоната 2016/2017. Во овој научен труд за првпат е користена методологија за проценка на економските загуби, која очекуваме во иднина да биде подобрена, надградена и користена во други држави и региони во светот. Трудот е објавен во престижното научно списание Agriculture, а воедно е промовиран и на интернет и фејсбук-страниците на COLOSS Honey bee research association.
Сакаме да потенцираме дека подготовката и објавувањето на овој материјал немаше да биде возможно без македонските пчелари кои секоја година ја поддржуваат активноста за следење на зимските загуби на пчелни семејства, а која активност е координирана од страна на Факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје уште од 2007 година. Сепак, за подготовка на овој труд остварена е соработка со експерти од областа на агроекономијата од Земјоделскиот институт од Скопје.
Затоа, ја користиме оваа можност да ви изразиме искрена благодарност за соработката и поддршката за спроведување на редовните годишни анкети.
За полесен и подобар пристап до македонските пчелари нашиот тим го преведе апстрактот на македонски јазик (кликнете за да го погледнете), додека целиот труд е достапен на англиски јазик. Искрено се надеваме дека со оваа активност ќе поттикнеме дебата и ќе ја подигнеме свеста за последиците од евидентираните зимски загуби на пчелни семејства во Македонија и пошироко.
На крај, ве потсетуваме дека овогодишната анкета е се уште активна и отворена за пополнување (https://docs.google.com/forms/d/e/1FAIpQLSfOl7XqfoQhddB-4RePimQP1lbmCJryrcpuJ5D5fKwHsdkGvA/viewform?gxids=7628&fbclid=IwAR0W_OOQmyp19CMfdOtwYYBElUN3WsJdcuRGMy4hY9rzpFRafES_tEl9gP0&fbzx=5456016658716752446).
Со почит,
Проф. д-р Александар Узунов – Факултет за земјоделски науки и храна од Скопје
М-р Деспина Поповска Стојанов – Земјоделски институт од Скопје
М-р Лазо Димитров – Земјоделски институт од Скопје