СТУДИСКО ПАТУВАЊЕ НА MACBEE ВО МАЛТА И СИЦИЛИЈА

Во рамките на соработката помеѓу Македонското здружение за заштита на македонската автохтона медоносна пчела – MacBee и здружението за заштита на биодиверзитетот од Малта – Breeds of Оrigin, од 18 до 25 март се реализираше студиско патување на медитеранските острови Малта и Сицилија во Италија. При посетата, единаесет членови на MacBee имаа можност да се запознаат со начинот на одгледување на автохтоните медоносни пчели во Малта (A. m. ruttneri) и Сицилија (A. m. sicula), како и начинот на добивање, пакување и маркетинг на пчелните производи од овие загрозени популации на медоносни пчели.

Целта на ова патување беше продлабочување на заедничката соработка и размена на искуства помеѓу двете здруженија, чии основни цели се истражување, заштита, подобрување и промоција на локалните подвидови на медоносни пчели. Минатата година, за време на посетата на пчеларите од Малта во Македонија, тие ги согледаа напредокот и резултатите кои MacBee ги реализираше во однос на заштитата на македонската автохтона медоносна пчела (A. m . macedonica). Со посетата на Малта и Сицилија, членовите на MacBee имаа одлична можност да го видат напредокот во напорите за заштита на малтешката локална медоносна пчела, како и сицилијанската пчела,  кои се наоѓаат под сериозна закана од исчезнување поради нивното потиснување од комерцијалните популации и генотипови на пчели.

За време на престојот на Малта и Сицилија, членовите на MacBee посетија неколку пчеларници и остварија средби со повеќе професионални пчелари и истакнати ентузијасти за заштита на автохтоните подвидови на медоносни пчели.

Овие активности се резултат на меморандумот за соработка помеѓу MаcBee и Breeds of Origin од Малта, кој минатата година се потпиша во Македонија.