Успешно одржан настанот „Пчеларски ден – знаење и дружење 2019“

На 27 јануари 2019 година, на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, во организација на MacBee беше одржан настанот „Пчеларски ден – знаење и дружење 2019“. Голем број на пчелари од цела држава имаа можност да присуствуваат на повеќечасовна програма составена од неколку презентации. Откако настанот беше отворен преку поздравен говор на продеканот за настава на ФЗНХ, проф. д-р Ромина Кабранова, членовите на MacBee, професионалниот пчелар Иван Додевски и дипл. земј. инж. Горан Колев ги презентираа активностите на здружението и резултатите од досегашното негово работење, како и потенцијалите и законските регулативи за органско пчеларење, а најмногу внимение и интерес привлече гостинот од Германија, дипломиран биолог, хоби пчелар и стручен соработник на пчеларскиот институт во Кирхајн, Германија, Мартин Габел, презентирајќи им ги на македонските пчелари, методите за биолошко третирање на пчелите против вароа. Модератор на настанот беше почесниот член на здружението, проф. д-р Александар Узунов.

Манифестацијата беше збогатена и со поставени штандови со пчеларска опрема и репроматеријали за пчеларство и со присуство на претставници на спонзорите на настанот „Ми-Ва мед“, „Стилник“ и „Напредок Пчелка“, а голем интерес предизвика медниот бар организиран од поддржувачите на MacBee, Слоу Фуд Македонија, каде учесниците на настанот имаа можност да пробаат повеќе видови на мед со потекло од Македонија и странство.

Фотографии од настанот можете да погледнете овде.