На 18 февруари 2023 година, во просториите на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, во организација на MacBee беше реализиран седмиот по ред настан „Пчеларски ден – знаење и дружење“. Повеќе од 130 гости од цела Македонија, но и гости од Косово, проследија добро организиран настан со богата програма, дегустираа разни видови на мед и добија интересни подароци од поддржувачите на настанот, компанијата Голд Брикс и фондацијата Слоу Фуд Македонија.
Настанот беше отворен од деканот на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, проф. д-р Вјекослав Танасковиќ. Тој ја нагласи потребата од соработка помеѓу научно-образовните и истражувачки институции како што е ФЗНХ и пчеларите и истакна дека ФЗНХ и во иднина ќе остане редовен поддржувач на активностите на MacBee.
Претседателот на MacBee, дипл. зем. инж. Горан Алексовски ги презентираше реализираните, тековните и планираните активности на здружението. На крајот од своето обраќање, Алексовски рече дека ова е последно негово обраќање во својство на претседател на здружението, бидејќи на редовното изборно собрание на MacBee во јануари 2023 година беа избрани нови управувачки органи на здружението. Тој му честиташе на новото раководство и им се заблагодари на сите членови за успешната соработка која ја имаа изминатите 4 години.
Претставникот на компанијата Голд Брикс од Скопје и студентот на ФЗНХ, Магдалена Јовановска, во комерцијалната презентација за промоција на шеќерната паста – фондан за прихрана на пчели Gold Apis+, обрна внимание на потребата од квалитетна прихрана кај медоносните пчели и нагласи дека квалитетот на фонданот Gold Apis+, помеѓу останатото, се темели и на повеќемесечни истражувања со кои е потврдено дека се работи за врвен производ кој пчелите брзо го искористуваат без никакви штетни последици по пчелното семејство.
Главниот гостин на настанот, д-р Слободан Долашевиќ од Белград, презентираше што значи квалитетна матица и како да се исполнат и задоволат сите услови за да се произведат и одржуваат квалитетни матици. Тој на присутните им ги пренесе своите искуства од повеќегодишната работа во својот центар за производство на матици Голден Би, но исто така сподели и искуства и практики стекнати за време на престојот во една голема пчеларска компанија на Нов Зеланд. Во рамки на просторот предвиден за дискусија, на задоволство на присутните д-р Долашевиќ одговараше на сите прашања со што целосно ја оправда укажаната доверба од сите учесници на „Пчеларски ден – знаење и дружење“.