Фото репортажа од пчеларското студиско патување на MacBee во Словенија и Германија

[:mk]

Од 15 до 20 септември, членовите на MacBee реализираа студиско патување во Словенија и Германија. Патувањето имаше за цел членовите на MacBee да се запознаат со пчеларските искуства и истражувачките активности на тамошните пчелари и институти. 

Во Словенија беше посетен одделот за пчеларство при Земјоделскиот нститут во Љубљана, каде Д-р Алеш Грегорц покажа со какви капацитети располага институтот и на кои активности и истражувања работиодделот за пчеларство во моментот. Д-р Грегорц го презентираше и експерименталниот пчеларник, кој се наоѓа во рамките на институтот. Недалеку од Љубљана, во Луковица, беше посетен и домот, односно седиштето на Пчеларскиот сојуз на Словенија. Членовите наMacBee беа запознаени со структурата на Пчеларскиот сојуз на Словенија, активностите, проектите на кои работат и инфраструктурата со која располагаат. На средбата присуствуваа и пчелари од Словенија со кои членовите на MacBee разменуваа пчеларски искуства. Беа претставени и популарните кошници АЖ, карактеристични за пчеларењето во Словенија.

Во Германија беше посетен Институтот за пчеларство во Кирхајн. Домаќин беше Д-р Ралф Бухлер, кој на членовите на здружението им го претстави Институтот, неговите достигнувања, проектите и истражувањата на кои работат, како и деталите за реализација на новиот глобален проект во кој ќе учествува и MacBee. Д-р Марина Меикснер, ко-домаќин на групата, ги презентираше најновите истражувања поврзани со влијанието на генетиката и животната средина врз преживувањето на пчелните семејства во Европа. Д-р Бруно Биндер, пак, од АГТ, здружение кое се занимава со спроведување на одгледувачки програми во насока на толерантност кај пчелите, го претстави здружението и како неговите активности функционираат, почнувајќи од пчеларот, па се до највисоките институции. Беа посетени и двата тест пчеларници на институтот, каде посетителите од MacBee се уверија на дело во селекциската програма и активностите кои ги спроведува институтот. Во Лаутербах беше посетена тамошната продавница за пчеларска опрема и пчелни производи. Беше посетен и пчеларникот на Ханс Дитер Ланг во близина на Лаутербах. Тука беше претставена работата и начинот на пчеларење со стиропорни кошници. Во Оберурсел домаќин на групата беше Матијас Улман, еден од најголемите пчелари и производители на мед во Германија. Искусниот пчелар несебично сподели информации за начинот на пчеларење, производството, преработката и продавањето на медот. Во едукативната тура низ преработувачките, сместувачките и продажните капацитети на Пчеларската фарма Улман, пчеларите од MacBee видоа што значи да се биде еден комплетен пчелар. Во делот со слободни активности, при прошетката низ центарот на Франкфурт, беа посетени и неколку штандови за продажба на мед и останати пчелни производи.

Цело ова генерирано знаење, новите искуства и остварените контакти од студиското патување се од големо значење за членовите на MacBee. Од една страна затоа што вакви искуства и тоа како му се потребни на македонското пчеларство и македонскиот пчелар за да се доближат до една од пчеларски најразвиените земји во светот, а од друга страна затоа што го насочуваат здружението како да се развива и кои цели да ги зацрта пред себе.

[:]