Членови на MacBee на Kонференцијата на Балканската Федерација на Пчеларски Здруженија

[:mk]

Од 09-ти до 11-ти февруари 2017 година, во Плевен Бугарија беше одржана Kонференција на Балканската Федерација на Пчеларски Здруженија во чија работа учествуваше и работна група од MacBee составена од Игор Илков и Ѓорги Андонов. Покрај  претставниците од Македонија на конференцијата учествуваа и претставници од другите балкански држави и тоа: Бугарија, Романија, Турција, Србија и Албанија.

Конференцијата ја водеше претседателот на Федерацијата Кристијан Константинеску, а учество зема и неговиот заменик Стефан Стефанов. Темите кои беа обработени опфаќаа проблеми поврзани со презимувањето на пчелните семејства односно зимските загуби, увозот на мед од Кина и Украина и нивното влијание врз цената на медот како и присутноста на фалсификуван мед на пазарот. Исто така беа образложени и проблемите поврзани со поддршката која ја даваат националните програми за развој на пчеларството и значајот кој го имаат пчелите за целокупниот биодиверзитет и опрашувањето на ентомофилните растенија.

Извештај поднесе и турската делегација која се осврна на одржувањето на Апимондија што ќе се случи на крајот на септември во Истанбул.

Во стручниот дел од конференцијата беа презентирани шест излагања од еминентни предавачи од Бугарија кои се осврнаа на органското пчеларење, влијанието на вароата врз пчелите, откривањето и присуството на ноземозата во пчелните семејства, развојот и зачувувањето на животната средина и биодиверзитетот, развојот на пчеларството и учеството на пчеларски здруженија на проекти поддржани од ИПА програмата за прекугранична соработка.

Средбата беше искористена за посета на пчеларската куќа Балински и еден од неговите пчеларници како и посета на саемот за пчеларство каде имаше излагачи од Бугарија, Србија, Турција, Романија, но и од повеке европски земји.

Претставниците на MacBee остварија личен контакт со сите учесници на Kонференцијата, разменија лични искуства и техники на пчеларење, а беа договорени и меѓусебни средби со излагачите на саемот.

Наредната Конференција на Балканската Федерација беше предложено да се одржи 2019 година во Турција, што наиде на одобрување од страна на нивната делегација.

balkan federacia pcheli2
Членовите на MacBee Ѓорѓи Андонов (долу, клечи прв од десно кон лево) и Игор Илков (стои, најгоре втор од десно кон лево) на Kонференцијата на Балканската Федерација на Пчеларски Здруженија од 09-ти до 11-ти февруари 2017 година во Плевен, Бугарија
[:]