COLOSS прашалник за зимски загуби на пчелни семејства 2021/2022 година


Почитувани колеги-пчелари,

Според информациите што пристигнуваат од повеќе региони во Македонија, оваа година пчеларите се соочуваат со значителни загуби на пчелни семејства во текот на зимскиот и раниот пролетен период. За објективно да го одредиме процентот на загуби потребно e масовно учество и пополнување на анкетата, која оваа година повторно ќе се спроведе со помош на социјалните мрежи и форуми за пчеларство (онлајн). Прашањата во анкетата се хармонизирани и стандардизирани на ниво на работната група во COLOSS мрежата.

Спроведувањето на анонимната анкета, за процентот и причините за зимските загуби на пчелните семејства во Македонија, е редовна активност на Факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје. Во соработка со Меѓународната мрежа за истражување во пчеларството COLOSS (www.coloss.org), активноста се имплементира уште од сезоната 2007/2008, а од 2014 година поддржана е и од здружението MacBee (www.macbee.mk).

Анкетата можете да ја отворите со кликање на следниот наслов: COLOSS прашалник за зимски загуби на пчелни семејства 2021/2022 година.

На графиконот подолу е прикажан процентот на зимските загуби на пчелните семејства по години, во периодот од сезоната 2007/2008 до сезоната 2020/2021. По завршувањето на овогодишната анкета, резултатите (процентот на загубите во зимскиот период 2021/2022) ќе бидат објавени и споделени со пчеларите. Другите информации и податоци од анкетата ќе бидат дополнително објавени во стручна или научна публикација.

Ви благодариме за досегашната соработка и се надеваме дека и оваа година повторно ќе нѐ поддржите во спроведувањето на анкетата.

Со почит,

Проф. д-р Александар Узунов
Факултет за земјоделски науки и храна, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје
[email protected]

Магдалена Јовановска – студент на Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје
[email protected]