На 24.05.2023 година членовите на MacBee реализираа еднодневна студиска екскурзија во посета на Солун и Халкидики. Во рамки на екскурзијата беше посетен Пчеларскиот институт на Грција во Неа Моуданиа на Халкидики. Домаќините д-р Леонидас Харистос и д-р Фани Хаџина со задоволство ги пречекаа членовите на здружението и им ги претставија капацитетите на институтот и дел од истражувањата кои во моментов ги спроведуваат. Д-р Харистос ги претстави методите на подготовка и аплицирање на раствори на оксална и мравја киселина со глицерин преку хартиени ленти за борба против вароата, а д-р Хаџина го презентираше модифицираниот метод на Џо Хорнер за контролирано спарување на матици. За топлиот прием и несебичното споделување на искуствата на институтот, претседателот на MacBee, Игор Илков на домаќините им додели благодарници. По посетата на Пчеларскиот институт, беа посетени две продавници за пчеларска опрема како и пчелниот парк на компанијата Анел. Во рамки на слободните активности, екскурзијата беше комплетирана со прошетка и разгледување на знаменитостите на Солун.