Македонскиот мед еден од најдобрите во светот

[:mk]

Македонскиот мед во саќе го освои второто место на дегустацијата што ја организира саемот за традиционална храна „Салон дел густо“. Жирито составено од пчелари – учесници на саемот оцени дека е еден од најдобрите.

– Конкуренцијата беше огромна, бевме 55-ти од вкупно пријавените преку 100 учесници од целиот свет. Влеговме во петте најдобри и успеавме да го добиеме второто место, изјави производителот Игор Илков, претседател на здружението „Македонска пчела“.

Медот е полифлорен, ги содржи сите цветови што ги има во Гевгелиско каде е произведен. Но, во однос на цените, е некаде на дното.

– Со квалитет сме меѓу првите, на врвот, но според цената, последни. Луѓето кај нас едноставно не можат да си дозволат повисока цена. Во ЕУ тегла мед е 10, 15, 20 евра, а кај нас 300 – 400 денари. Лани беше 250 денари, а годинава поскапе поради екстремно лошите услови кои ја намалија продукцијата, рече Илков и додаде дека до крајот на годинава мед нема да има што ќе биде причина повеќе на пазарот да се пласира фалсификуван мед.

Неговата порака е потрошувачите да купуваат кристализиран мед, од пчелари кои ги познаваат, а производителите да не се фокусираат само на мед, туку и на млеч, восок и прополис.

Македонските пчелари не отстапуваат од интенцијата да ја заштитат автохтоната пчела, но се борат и за заштита на биодиверзитетот.

– Затоа сме тука, на саемот “Салон дел густо”. Голема е предноста од членството во Слоу фуд кое ни овозможува средби со колеги од целиот свет и запознавање различни традиции на пчеларење, многу поразлични од нашите, истакна Илков.

На “Слоу фуд” е поставен т.н. Бар на медот каде може да се дегустира мед од Африка, Танзанија, Океанија, Јапонија,…, мед од сончоглед, портокал, еукалиптус, па дури и од кафе. Најскап е специфичниот мед од Јемен, 60 евра за 45 грама, кој се продава со уверување дека ја прочистува душата. Поради тоа, велат производителите, некои купувачи не жалат за тегла да дадат и 200 до 400 евра.

[:]