Здружението MacBee е основано на 17.12.2011 година на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје од страна на 10 одгледувачи на пчели. Оваа група е составена од одгледувачи и љубители на медоносните пчели, хобисти и ентузијасти за заштита на животната средина, а пред се биолошката разновидност. Во секој случај, истражувањето, заштитата, подобрувањето и промоцијата на автохтоната медоносна пчела (Apis mellifera macedonica) во Република Македонија е примарната цел на основачите на MacBee.
Претходно, од октомври 2010 година, групата организирано и под координација на горенаведената институција спроведе истражување на потрошувачката на храна во зимскиот период (октомври – март) кај 152 пчелни семејства на 12 експериментални пчеларници во 5 региони во Република Македонија. Истражувањето беше финансиски поддржано од страна на претпријатието за производство на храна и восочни основи за пчелни семејства, МИ ВА МЕД од Скопје. Резултатите од ова истражување се објавени на подстраницата Резултати.
Од март 2012 година, веднаш после регистрацијата на здружението, MacBee официјално ги започна своите истражувачки активности со воспоставување на унифициран и строго дефиниран протокол на одгледување и тестирање на 84 пчелни семејства во 7 експериментални пчеларници од 3 региони во Република Македонија (види Пчеларници). Сите резултати од истражувањата се објавени на подстраницата Резултати.
MacBee е отворено за соработка за сите љубители на медоносните пчели кои ќе се придржуваат кон условите и критериумите за членување (види MacBee intra). На истиот под-линк се наоѓаат информации околу предностите и привилегиите кои ги имаат членовите на MacBee.