Мед од Apis mellifera macedonica на „Тера Мадре Балкан 2018“ во Брисел

На годинашната манифестација „Тера Мадре Балкан“ која се одржа од 21 до 23 мај во Брисел, помеѓу останатите македонски традиционални производи, посетителите имаа можност да го дегустираат и медот од македонската автохтона медоносна пчела од президиумот MacBee. Слоу Фуд Македонија преку заедничката соработка со уште осум регионални Слоу Фуд организации ја искористија можноста пред европратениците да ги претстават потенцијалите на балканскиот регион во поглед на традиционалната храна, богатството на вкусови, гастрономското наследство, заштитата на биодиверзитетот и руралниот развој. Преку повеќе презентациски и работни сесии, дебати, панел дискусии, работилници, заедничко креирање на менија и соработка помеѓу производители, експерти, активисти и готвачи, беа ставени во фокус повеќе интересни теми поврзани со ЕУ легислативите за производство на традиционални производи и потенцијалите и руралниот развој на западен Балкан во насока кон евроинтеграциите.

„Тера Мадре Балкан 2018“ во Брисел е само уште една потврда дека благодарение на соработката помеѓу Слоу Фуд Македонија и MacBee, медот од Apis mellifera macedonica полека се промовира и станува препознатлив како посебен, квалитетен и особено ценет производ во светот, што претставува особена чест за секој македонски пчелар.

фото: facebook.com/slowfood.mk