На 16 – 17 Мај, во организација на Институтот за пчеларство од Кирхајн, Германија, во соработка со Словенскиот пчеларски сојуз, во зградата на Словенскиот пчеларски сојуз во Луковица се одржа четвртиот семинар за националните координатори за селекција во рамките на проектот SMARTBEES. На семинарот учествуваа 18 национални координатори од 13 држави (Италија, Белгија, Романија, Србија, Словенија, Хрватска, Велика Британија, Шпанија, Литванија, Португалија, Полска, Германија и Македонија).
Националните координатори го презентираа напредокот и тековните активности во своите земји во периодот 2017/18 година. Беше презентиран прогресот направен за надградбата на првата верзија (http://smartbees.eu/Extension/Performance/) од Протоколот за тестирање на пчелните семејства (Д-р Узунов) како и перспективите на SMARTBEES и EurBeST проектите (Д-р Бихлер).
По интензивна дискусија беше донесена одлука да се формира Меѓународна мрежа на одгледувачи на пчелни матици и формирана е работна група која треба да го финализира статутот и другите акти на идната организација, чиешто формално регистрирање и почеток со работа се очекува на есен 2018 година.
Од 18 – 20 Мај во Словенија, на повеќе локации организирано се прославуваше 20 Мај – Светскиот ден на пчелите, а еден од многуте настани имавме прилика и да го посетиме (Жировница 18 Мај).
Голема благодарност до Институтот во Кирхајн, Д-р Ралф Бихлер и Д-р Александар Узунов, како и до Словенскиот пчеларски сојуз за трансферот на знаења и извонредната организација на семинарот.
Фото и текст: м-р Борче Павлов, национален координатор за Македонија за проектот SMARTBEES.