MACBEE ГО НАЈАВУВА НАСТАНОТ „ПЧЕЛАРСКИ ДЕН – ЗНАЕЊЕ И ДРУЖЕЊЕ 2019“

Македонско здружение за заштита на македонската автохтона медоносна пчела (Apis mellifera macedonica) го најавува настанот  „Пчеларски ден – знаење и дружење 2019“. Настанот кој MacBee веќе традиционално го организира неколку години наназад и овојпат ќе биде од едукативно – информативен и меѓународен карактер со учество на странски експерт од областа на пчеларството и со домашни стручни предавачи. Главен презентер ќе биде гостинот од Германија, Мартин Габел. Мартин Габел е германски научен и стручен соработник од областа на пчеларството и пчелар практичар. Во моментов е постдипломец на студии по биологија на Универзитетот Јустус – Либиг во Гисен. Додипломски студии завршил во 2016 година на Универзитетот Филипс во Марбург на отсекот биологија. Дипломирал на темата „Прекин и отстранување на легло како методи за третирање на медоносните пчели против вароа“. Во моментов работи на магистерскиот труд со наслов „Физиологија на однесувањето и поделба на трудот кај пчелите излетнички од шест различни подвидови на медоносната пчела“. Вработен е на одделот за обука и поддршка на пчеларите во Институтот за пчеларство во Кирхајн, а на истиот институт има и статус на привремен истражувач. Ангажиран е и како стручен соработник во проект групата „Био-Ресурс“ на Фраунхофер Институтот за молекуларна биологија и применета екологија во Гисен. Од неговата богата збирка на научни трудови, публикации, презентации и останати авторски и ко-авторски дела, можат да се издвојат:

  • „Алтернативен летен третман на медоносната пчела (Apis mellifera L.) против вароа (Varroa destructor Anderson & Trueman)“, предавање на 63-иот годишен состанок на Здружение на Институти за истражување на пчелите, Брауншвајг, Германија, 2016;
  • „Метод на летно прекинување на леглото за здрави пчелни семејства, резултати и искуства од истражувањето во Германија“, предавање на Работилницата на COLOSS за контрола на Вароа, Уније, Хрватска, 2016;
  • „Алтернативни методи на третман против вароа кај медоносните пчели“, постер-презентација на 46-от Годишен состанок на Друштвото за екологија, Марбург, Германија, 2016;
  • „Справување со вароата на природен начин“, серија флаери објавени од државната агенција за земјоделство, Хесен, Германија, 2017;
  • „Водич за практична и ефикасна биотехничка контрола на вароата“, постер-презентација на 64-от Годишен состанок наЗдружението на Институти заистражување на пчелите, Цеље, Словенија, 2017;
  • „Биотехнички пристап за контрола на вароата преку методите на прекин на леглото, отстранување на леглото и блокирање на леглото во пчелното семејство“, предавање на 45-от меѓународен пчеларски конгрес на АПИМОНДИЈА, Истанбул, Турција, 2017;
  • „Третман против вароа со методот на прекин на леглото. Зошто и како?“ Web-семинар за Данското здружение на пчелари, 2018;
  • Повеќе авторски и ко-авторски текстови во неколку германски магазини и пчеларски списанија („Зима без третман“ (2018) и „Биотехнички методи на третирање преку сезоната“ (2018), објавени во „Deutsches Bienenjournal“), „Истражувањата на прекин на леглото кај пчелите одат во наредна фаза“ (2017), „Резултатите од испитувањето со прекин на леглото кај пчелите се оптимистички“ (2017), објавени во „Мach mal pause“).

Темата на која ќе презентира дипломираниот биолог Мартин Габел ќе биде: „Прекин и отстранување на легло како методи за третирање на медоносните пчели против вароа“.

Настанот ќе се одржи на 27 јануари 2019 година, на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје.

MacBee наскоро ќе го објави и официјалниот флаер со програмата на настанот и сите останати информации и детали.

Мартин Габел

 

(Извор на фотографијата: Мартин Габел)