MacBee домаќин на пчелари од Малта

Во периодот од 27.06 до 04.07. 2018 година, во студиска посета на Република Македонија беа членовите на здружението Бридс оф ориџин конзервенси (Breeds of Origin Conservancy) од Малта. Здружението во рамки на своите цели, односно заштитата на автохтоната флора и фауна, загрозените видови и подвидови во Малта, доста е активно и напорно работи и во делот на заштита на локалниот подвид на медоносна пчела – Малтешката пчела (Apis mellifera ruttneri) за која постои сериозна закана од исчезнување.

MacBee како нивни домаќин и организатор на активностите, а пред се координаторот на агендата, М-р Борче Павлов, на групата од Малта и подготвија и реализираа програма која им овозможи времето поминато во Македонија да го искористат за едукација, дружење, но и презентирање на убавините на нашата земја.

Беше изведена практична обука за производство на матици на еден од тестните пчеларници на MacBee во с. Мршевци во сопственост на Јонче Додевски. Пред колешките и колегите од Малта беше презентирана постапката на производство на матици (пресадување, формирање на стартер, финишер, формирање оплодници и обележување на матици). Беше реализирана и посета на производните капацитети на „Ми Ва Мед“ во Скопје, каде гостите од Малта се запознаа со процесот на пакување на мед, производство на погачи како и преработка на сиров восок во ладновалани сотни основи. Групата од Малта имаше можност да посети органски пчеларник во околината на Дебар, каде што домаќинот Блаже Петревски заедно со своите колеги ги презентираа условите за пчеларење, пчелните производи од неговиот пчеларник и неговата апитехника. Беше посетен и островот Голем град, каде им беа претставени дел од активностите од досегашните истражувања во поглед на контролирано спарување на матиците на овој остров вршени од страна на Факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје. При посетата на битолскиот регион, групата го посети центарот за апитуризам на „Пчеларник БН“ во с. Дихово, сопственост на членот на MacBee, Нацо Јовчевски. Гостите видоа еден модерен апитуристички комплекс, се запознаа со начинот на кој тој функционира, а беше претставена и дегустирана широка палета на пчелни производи и пчелни производи со додадена вредност. Во вилата на Јовчевски во с. Дихово, во традиционален етно – амбиент беше одржана и заедничка средба помеѓу членовите на MacBee и членовите на здружението од Малта, на која одблиску беа претставени активностите на двете организации, беа споделени искуства од напорите за зачувување на локалните подвидови на медоносни пчели и беа разгледани можностите за продлабочување на меѓусебната соработка. Во таа насока, претседателот на MacBee, Игор Илков и претставникот на BOC, Томас Галеа, потпишаа меморандум за соработка помеѓу двете здруженија, документ од кој би требало да произлезат и да се реализираат конкретни проекти, а се со цел заштита на локалните медоносни пчели и заштита на биодиверзитетот.

Фотогалерија:

[Best_Wordpress_Gallery id=”27″ gal_title=”Poseta na pcelari od Malta”]